Baby handling е термин под кој се подразбира правилно постапување со детето. Тоа се вообичаени постапки кои родителите ги прават при секојдневната грижа за нивните најмили. Тоа е соработка меѓу родителот и детето, вербална и невербална комуникација со која се поттикнува нормалниот развој на детето.Ако детето спаѓа во групата на неуроризични деца или во групата на деца со пречки во развојот практикувањето на baby handling претставува корисно дополнување на физикалната и медикаментозната терапија. Преку правилно подигнување, држење, спуштање, хранење и пресоблекување мозокот на детето добива информации за правилни модели на движење со што се добива на квалитет во психомоторниот развој. Родителите се најголем извор на рана стимулација преку нивниот глас, смеа и допир.

Како правилно да го подигнете детето
Кога сакате да го подигнете детето од лежечка положба сите активности ги правите полека, чекор по чекор при што со нежен и тивок глас разговарате со детето. Најпрво го ротирате на страна при што вашата рака е поставена меѓу неговите ножиња и го држи рамото на кое ќе го завртите детето, а неговата слободна рака ја префрлате преку својата рака. При секоја активност треба да се почитува правилото рачињата да се пред телото и да се направи ротација.

 

Подждригнување
Кога го ставате детето на вашето рамо за да подждригне, со едната рака се држи под газето, а со другата ја придржувате главата така што раката ја наслонувате на неговиот грб. Многу е важно неговите рачиња да бидат пред главата, односно неговите лакти да бидат на вашето рамо.

Кое држење е најдобро за детето
Во тек на првиот и вториот месец од животот детето се држи во прегратките како да сакате да го заспиете внимавајќи рачињата да бидат поставени напред, а целото тело да е лесно свиткано. Кога е поголемо во својата прегратка може да го држите во бочна положба или на стомак. Во бочна положба горната нога треба да е лесно свиткана, а долната исправена додека вашата рака е поставена меѓу колената на детето.

Ова се дел од принципите на baby handling.