Ѓумбирот (Zingiber officinale) е зачин кој има долга историја на употреба како традиционален лек против гадење и повраќање. Активните фенолни соединенија на ѓумбирот, односно гинџеролите, зингиберенот и шогаолот имаат и антиинфламаторни и антиоксидантни својства. Антиеметичното дејство на ѓумбирот е испитувано во различни состојби, вклучувајќи болест на движење, бременост, состојба после анестезија, после хируршка интервенција и гадење и повраќање предизвикани од хемотерапија. Покрај неговото општо антиинфламаторно дејство, потенцијалните механизми на дејство на ѓумбирот вклучуваат инхибиција на 5-HT3 и мускарински рецептори и модулација на езофагеалната и гастроинтестиналната подвижност.

Фармаколошките својства на ѓумбирот се испитувани најмногу кај возрасните. Сепак, многу прехранбени додатоци на база на ѓумбир се сè повеќе достапни на пазарот и се користат за превенција и третман на повраќање кај деца. Тоа бил мотивот за спроведување рандомизирана студија дизајнирана да тестира дали ѓумбирот може да го намали повраќањето поврзано со акутен гастроентеритис (АГЕ) кај децата.

 

 

Повраќањето е чест симптом во детска возраст и има многу причини, од самоограничувачки до сериозни состојби. Повраќањето како симптом се јавува кај 75% од децата со акутен гастроентеритис (АГЕ), каде што придонесува за губење течности, неуспех на терапијата за орална рехидрација и итен прием во болница.

Рандомизираната, двојно слепа, контролирана студија била изведена во соработка со матичните педијатри од Неапол кои работат за италијанскиот национален здравствен систем и координирана од Универзитетот Федерико II во Неапол. Критериумите за вклучување биле: возраст помеѓу 1 и 10 години, симптоми поврзани со АГЕ кои траат <12 часа, повраќање поврзано со АГЕ (не жолчно или крваво) пократко од 4 часа, модификација на шемата на столицата која трае <12 часа и блага до умерена дехидрација.

Критериумите за исклучување биле истовремено присуство на други болести како невролошки и невропсихијатриски заболувања, генетски и метаболички болести, автоимуни болести, имунодефициенција, целијакиа, несакани реакции на храна (вклучувајќи алергија на ѓумбир), функционални гастроинтестинални нарушувања, воспалителни болести на цревата, заболувања на црниот дроб, болести на панкреасот, малформации на гастроинтестиналниот тракт, тешка дехидрација, тешка потхранетост, претходна операција на респираторниот, гастроинтестиналниот или уринарниот тракт.

Дијагнозата на АГЕ била поставена преку исполнување на критериумите:  присуство на ≥3 меки или течни столици во текот на 24 часа, со или без фебрилност.

Микробиолошки и други лабораториски испитувања биле направени само од специфични клинички причини.

Во целата студија користена е само една серија од ѓумбир и плацебо. Пакувањето, бојата, тежината, мирисот и вкусот на ѓумбирот и плацебото биле слични. Сличен мирис и вкус се добиени со додавање на анасон и ароми на двата производи. Првата доза на третман ја администрирале матичните педијатри веднаш по запишувањето на децата во студијата. Родителите добиле инструкции да дадат дополнителна доза на третман на секои 8 часа по првата доза, до смирување на повраќањето. Дополнителни дози биле препорачани само  во случај на повеќе од една епизода на повраќање во претходните 8 часа. На родителите им бил даден дневен дневник и од матичните педијатри биле упатени како да го водат. Во дневникот евидентирале: количина на орален рехидрациски раствор (ОРС); број на епизоди на повраќање; присуство на дијареа или стомачна болка; конзистентност на столицата; присуство на системски симптоми како фебрилност, главоболка и раздразливост; сомнителни несакани реакции; хоспитализации; употреба на интравенска терапија со течности; број на денови на училиште изгубени од децата; број на денови на работа изгубени од родителите. На секои 24 часа се правел комплетен медицински преглед од страна на матичните педијатри до исчезнување на сите симптоми поврзани со АГЕ. По потреба се вршени непланирани посети.

Вкупно 168 деца биле оценети за подобни. 18 деца биле исклучени, 11 затоа што не ги исполнувале критериумите за вклучување и 7 затоа што нивните родители одбиле да учествуваат во студијата. Останатите 150 деца биле рандомизирани во сооднос 1:1 (75 со ѓумбир и 75 со плацебо).

Анализата на податоците покажала дека ѓумбирот може да го намали повраќањето поврзано со АГЕ. Оваа студија има неколку силни страни. Главната силна страна е што е рандомизирана, двојно слепа, контролирана студија спроведена од семејни педијатри, што се очекува да ја зголеми нејзината генерализираност во споредба со испитувањата извршени во центрите за терциерна грижа. Покрај тоа, ѓумбирот е евтин и тоа ја зголемува неговата достапност.

Администрацијата на ѓумбир била поврзана со поголем внес на ОРС и со намалување на бројот на изгубени училишни денови.

Како заклучок, може да се каже дека ѓумбирот е ефикасен во намалувањето на повраќањето кај децата со АГЕ. Понатамошни клинички испитувања се оправдани за да се потврдат наодите во студијата, да се дефинира најефективната доза на ѓумбир и да се тестира дали ѓумбирот може да биде ефикасен за намалување на повраќањето од различни етиологии во детството.

Референци

  1. Rita Nocerino et all.Efficacy of ginger as antiemetic in children with acute gastroenteritis: a randomised controlled trial. Aliment Pharmacol Ther 2021; 548(1):24-31
  2. Subas G. and Anand Sh. Medicinal properties of Zingiber officinale Roscoe-A Review. IOSR Journal of Pharmacy and Biological Science. Volume 9, Issue 5 (Sep -Oct. 2014), p124-129
  3. Brett White. Ginger: An Overview. Downloaded from the American Family Physician web site. Volume 75, Number 11.June, 2007
  4. Mohammad Sh. and Hamed H. K. Ginger (Zingiber officinale): A review. Journal of Medicinal Plants Research Vol. 6(26), pp. 4255-4258, 2012