Респираторни афективни кризи (breath-holding spells) или кризи на зајдување при плачење или апноични кризи при плачење не се епилептични напади иако може да изгледаат многу драматично при што ги вознемируваат и плашат родителите и околината на детето. Се јавуваат кај 5% од децата од рана доенечкa до претшколска возраст, но најчести се кај деца на возраст од 2 години. Кај 50% од децата исчезнуваат до 5 годишна возраст, а кај 83% до 8 годишна возраст. Кај 25% од случаите постои позитивна фамилијарна анманеза за појава на вакви кризи и кај други челенови на семејството.

Овие кризи се манифестираат со неволно запирање на дишењето, помодрување или пребледување, а поретко се јавува и губиток на свест и згрчување на телото. На кризата претходи плач, бес, лутина, болка или страв. Вообичаено траат од 2 до 20 секунди и спонтано престануваат, односно престануваат сами од себе. Во зависност од тоа дали при кризата детето помодрува или пребледува се делат на цијанотични и бледи. Ретко бледите кризи може да се јават и без претходно плачење. Ако при кризата има губиток на свест со згрчување на телото се класифицираат како комплексни респираторни афективни кризи. Причината за појава на цијанотичните како и на бледите кризи не е целосно разјаснета и се резултат на незрело или неправилно функционирање на автономниот нервен систем.

Во текот на кризата детето не треба да се држи исправено, туку да се стави на рамно во странична положба и да се мери времето од почетокот на крзизата. Не треба да се отвора устата или да се ставаат предмети во неа. После кризата детето не треба да забележи дека родителот е исплашен или вознемирен и не треба да биде наградено или искарано. Ако пред крзизата детето имало напад на бес затоа што сакало нешто да биде по негово, не треба да се исполни неговата желба.

Детето треба да се однесе на преглед во следните случаи: после првата епизода на респираторна афективна криза, ако е помало од 6 месеци, ако прв пат кризаta се јавува после 4 и пол годишна возраст, ако бледите кризи се почести од цијанотичните, ако кризите се јавуваат почесто и ако станува збор за комплексна криза со згрчување на телото. Нивото на железо во крвта игра важна улога во појавата на овие кризи. Недостатокот на железо, кое е составен дел од ензимите вклучени во разградувањето на невротрансмитерите во мозокот може да има влијание врз нарушувањето на автономниот нервен систем. Давањето препарати од железо значително го намалува бројот на кризите. Дијагнозата се поставува врз основа на анамнезата и прегледот на детето, а наодот на можни невролошки или срцеви заболувања сугерира дека се работи за друга дијагноза. Иследувањата вклучуваат анализа на крвна слика, ниво на железо во крвта, снимање на срцевата (ЕКГ) и мозочната (ЕЕГ) активност, а во одреди ситуации и дополнителни илследувања според проценка на педијатарот. Откако ќе се исклучат други причини за појава на кризите на родителите треба да им се објасни дека станува збор за состојба со одлична прогноза.

Користена литература

  1. Alexander KC Leung. ,,Breath holding spells in pediatrics: a narrative review of the current evidence’’. Curr Pediatr Rev 2019
  2. Spephen Brain Sulkers. ,,Breath holding spells’’. MSD Manual 2021
  3. Kids health info. ,,Breath holding’’. The Royal Children Hospital Foundadtion 2018