Синдром на млитаво бебе -Floppy infant syndrome, новороденчето или доенчето покажува слаба контрола на движењата, задоцнети моторни вештини и хипотонија – намален мускулен тонус. Доенчињата со слаба мускулна сила секогаш покажуваат знаци на хипотонија, но хипотонија може да има и кај доенче кое нема намалена мускулна сила. Состојбата се забележува на самото раѓање или во раниот период од развојот.
Кај детето се забележуваат недостаток на одговор на визуелни и аудитивни стимулуси, лоша состојба на будност, неможност за управување со функциите како што е голтање и цицање. Забелешките на родителите се дека нивното дете е многу пасивно, не ги мрда екстремитетите како другите деца.
Списокот на причините за појава на хипотонија кај новороденчињата е долг, но добрата историја ќе ги зголеми можностите да дојдеме до одговор. Деталната семејна историја може да биде многу корисна: треба да се извлече семејна историја на невромускулна болест; историја на повторени абортуси може да сугерира различни нарушувања со пренатален почеток, доцнење во развојот (хромозомска абнормалност), одложени моторни пресвртници (вродена миопатија) како и метаболно или мускулно заболување.
Важни се деталите за бременоста, породувањето и постнаталниот период. Пренаталните фактори на ризик вклучуваат родителска возраст, сродство, историја на изложеност на лекови или тератогени фактори, болести на мајката (дијабетес/епилепсија), намалени движења на фетусот, полихидрамнион. Историјата на вродени инфекции – токсоплазмоза, рубеола, цитомегаловирус, херпес симплекс и каква било историја на пре- или постнатална повреда ја зголемуваат веројатноста за дисфункција на централниот нервен систем (ЦНС) како основна причина за хипотонија.
Императив е раното препознавање на состојбата, раното упатување на детална рана дијагностика.
д-р Љеља Муаремоска Канзоска