Под терминот ризично бебе се подразбира бебе кое е родено пред време (прематурно или недоносено), има мала родилна тежина или постои друга состојба која како ризик фактор е внесена во националната листа на ризик фактори и која може да доведе до краткорочни или долгорочни здравствени и развојни нарушувања.
Разбирањето на факторите на ризик е од клучно значење за идентификување на ризичните бебиња и за постигнување на подобри долгорочни здравствени и развојни резултати за нив.

Високо ризичните бебиња најчесто имаат потреба од интензивна нега која ги опфаќа сите аспекти за нивно преживување како вентилација на незрелите бели дробови, поддршка при преминот кон живот надвор од матката, заштита на мозокот и срцето, како и обезбедување на соодветна исхрана за оптимален раст и развој.

Околу 10% од новороденчињата имаат ризик фактор за неуроразвојно отстапување, односно се неуроризични. Еден дел од нив се развиваат без проблем или со помали транзиторни проблеми. Но, кај останатите постои потреба да бидат вклучени во развојна програма при што со соодветни вежби ќе биде искористена неуропластичноста на мозокот. Од исклучителна важност е таквите деца да бидат идентификувани во најрана возраст.

Секое ризично бебе, а особено бебе со висок ризик за развојни нарушувања потребно е редовно да се следи од детски невролог.

Националната листа на ризик фактори:
Недоносеност <= 32 гестациски недели
Недоносеност 33-36 гестациски недели
Новородено со родилна тежина <=1500 грама

Хипотрофично новороденче (SGA)
Родилна асфиксија
Интракранијална хеморагија
Неонатална сепса и/или менингитис
Патолошка неонатална жолтица
Конгенитални аномалии
Деца кои биле сместени во одделите за интензивна терапија
Деца од високоризични бремености (дијабет, алкохолна фетопатија,
хипертензија во бременост)

Перинатални инфекции
Апстиненцијален синдром
Новороденче од близначка бременост
Деца за адопција*
Деца родени во домашни услови

*Новородено со или без здравствен проблем оставеноо за адопција

 

Прим. М-р сци. Д-р Габриела Тавчиоска