Ултразвучниот преглед на мозокот (ехо на мозок) е безбедна, релативно евтина и едноставна дијагностичка метода за прикажување на градбата на мозокот и дава оптимален приказ на евентуално нарушување во анатомската структура на мозокот. За изведување на иследувањето кај новороденчиња (навремено или предвремено родени) и кај доенчиња главно се користи големата фонтанeла која претставува рскавична структура на врвот на главата каде коските на черепот не се целосно окоскени. 

Најчести причини за преглед се перинатално неуроризично новороденче, предвремено породување, отежнато породување, низок АПГАР скор, перинатална асфиксија, перинатална инфекција. Ултразвучниот преглед на мозокот е рутински преглед кај новороденчиња кои се родени пред време со цел рано откривање на крварења и оштетувања на мозочното ткиво.Кај доенчиња се користи за откривање на проширувања на мозочните комори (хидроцефалус),
мозочни крварења, оток на мозочното ткиво, циста, туморска формација, оштетување на белата маса и вродени аномалии на мозокот. Редовно се прави и при сомнение за аномалија на мозокот како придружна аномалија на градбата
на рбетниот столб како што е спина бифида.

Ултразвучниот преглед на мозокот се препорачува како иследување при сомнение за неуроразвојно отстапување во првите месеци од животот како успорен развој,
млитаво бебе, појачан мускулен тонус, отстапување во обемот на главата, како и неправилно држење на главата. Може да се изведи и кај деца во рана доенечка возраст со конвулзии, епилептични напади, претерано поспани или раздразливи. Оваа метода овозможува  дијагностика и следење на динамиката на промените во мозокот преку повторување на прегледите кои детето не го оптеретуваат со зрачење. Во некои ситуации потребно е да се направат и дополнителни иследувања како компјутеризирана томографија или магнетна резонанца.

 

 

 

Прим. М-р сци. Д-р Габриела Тавчиоска