Кога ќе се постави дијагноза епилепсија кај семејството на детето се јавуаат голем број на прашања во однос на неговата безбедност и квалитетот на неговиот живот. Најголемиот број на децата со епилепсија можат да живеат нормално и да учествуваат во повеќето спортски и физички активности исто како и останатите нивни врсници ако редовно ја земаат препишаната терапија и нападите се добро контролирани.

Учеството на децата со епилепсија во спортски активности силно се препорачува и поддржува бидејќи со тоа тие добиваат можност да бидат дел од тим, да се дружат, да напредуваат, да се јакне нивната самодоверба, социјалната интеракција, односно се подобрува севкупната физичка и ментална благосостојба.Семејството на детето треба да ги информира наставниците и класните раководители во училиштето за состојбата на детето, а исто така и тренерите ако детето посетува организирана форма на спортска активност.Правилата за безбедност се многу едноставни.При пливање или некој друг спорт на вода детето треба да биде во придружба со лице кое е запознато со неговата состојба и знае соодветно да постапи при евентуален епилептичен напад. На снег и во вода за да се избегне силниот сјај на сонцето потребно е да се носат очила за сонце ако кај детето се јавуваат напади тригерирани од светлина.Нуркање и качување по карпи се високо ризични спортови и треба да се избегнуваат,особено  ако детето не е стабилно во однос на нападите.

Спортски активности кои се ниско ризични се: аеробик, танцување, борење, јога, фудбал, пешачење, џогинг, џудо, пинг понг. Секако, за некои од овие спортови се препорачува носење на заштитна опрема како заштитен шлем и тоа се однесува на сите деца.Умерено ризични спортски активности се: возење велосипед, јавање коњи, кајакарство, гимнастика, кошарка, тенис, пливање, хокеј на мраз, сноубординг, скијање, скејтборд.Потребно е да се носи заштитен шлем, а за кајакарство, јавање, скијање и пливање потребен е придружник.Грижата и стравот кои постојат кај родителите и блиските на децата со епилепсија за можен напад при некоја спортска активност се разбирливи, но претераните или неоправдани ограничувања можат да направат поголема штета од психолошки и социолошки аспект отколку самата епилепсија.

Прим. М-р сци. Д-р Габриела Тавчиоска