Епилептичниот напад се јавува изненадно и без предупредување. Детето кое добило напад со губиток на свест не треба да се поместува, освен ако нападот се случил на опасно место како на пример улица или на скали. Треба да се зачува смиреноста, да почне да се мери времето од почетокот на нападот и да не се дозволи собирање на луѓе околу детето со напад.Кога ќе се појави епилептичен напад потребно е да се преземат мерки за спречување на повреди. Детето во тек на нападот треба да се постави во странична (бочна) положба, а под главата да се стави мека подлога (перница, парче облека и сл.).
Страничната положба може добро да ја одржува проодноста на дишните патишта и при тоа постои помал ризик нешто од содржината на усната шуплина (плунка, забна протеза) да стигне до гркланот или подлабоко кон белите дробови. Не е дозволено насилно отворање на устата и ставање тврди предмети во усната шуплина поради голема веројатност да се повреди детето. Може да дојди до кршење на заб или насилно ставаното туѓо тело во усната шуплина со последователно задушување поради паѓање на скршените делови во дишните патишта.Не е дозволено истурање вода врз главата на детето поради опасност од задушување.
Во најголемиот број на случаи епилептичниот напад самиот престанува за неколку секунди до неколку минути. При најголем број на напади не е потребна медицинска помош.Медицинска помош задолжително да се побара ако во текот на нападот дошло до повреда на детето, ако нападот не престанал после три минути, ако веднаш по престанувањето на првиот напад започнува нов напад, ако 15 минути после завршување на нападот детето останува ѕбунето или не се освестува. Ако станува збор за напад кај дете со епилепсија, медицинска помош треба да се побара и кога нападот е невообичаен за детето или трае подолго од вообичаено.
Прим. М-р сци. Д-р Габриела Тавчиоска
Користена литература:
1.Кrzan M.(2014).Епилепсија.Љубљана
2.Bašnec A et al.(2008) Dijete i epilepsija,Hrvatska udruga za epilepsiju.Загреб.