Грчеви со температура (фебрилни грчеви или фебрилни конвулзии) се грчеви кои се јавуваат во детска возраст и се предизвикани од покачена температура како симптом на инфекција при што е исклучена инфекција на централниот нервен систем (менингит, енцефалит). Овие грчеви се јавуваат кај деца кои имаат нормален развој и претходно немале невролошки симптоми.

2-5% од децата манифестираат грчеви со температура. Тие се возрасно зависни и се јавуваат од 6 месеци и најкасно до 6 години. Многу ретко фебрилните грчеви може да се јават на возраст од 3 до 6 месеци. Најчесто се јавуваат од 12 до 18 месеци. Склоноста за појава на фебрилни грчеви е наследна. Досега се откриени неколку гени, а се манифестираат кај 60% од носителите на тие гени. Фебрилните грчеви се јавуваат како последица на дејство на покачената температура на незрелиот мозок и центарот за термореулација кој е во развој.

Некои вируси почесто предизвикуваат појава на фебрилни грчеви. Такви  се human herpes virus tip 6 кој предизвикува тридневна фебрилност (exanthema subitum), вирусот на грипот тип А и рота вирусот.Понекогаш грчевите се јавуваат пред да се манифестира болест кај детето и да бидат прв знак дека детето е болно.  Детето може неколку секунди да изгледа невообичаено, потоа да ги вкочани и преврти очите, да не реагира, кожата да изгледа малку потемна од вообичаено. Најчесто овие грчеви траат околу 1 минута. 

Можат да бидат едноставни или сложени.
Едноставни се ако:
– грчевите го зафаќаат целото тело
– траат помалку од 15 минути
– се јавуваат само еднаш во период од 24 часа

Комплексните фебрилни грчеви
– започнуваат на еден дел од телото
– траат подолго од 15 минути
– се јавуваат повеќе од еднаш за период од 24 часа

Најважно прашање на кое треба да се одговори кога детето има фебрилни грчеви е ,,која е причината за појава на температурата“.
Иако грчевите поминале, секое дете кое имало грчеви со температура треба да биде прегледано од доктор.Половина од децата кои имале фебрилни грчеви пред првиот роденден, ќе имаат фебрилни грчеви најмалку уште еднаш. Меѓу децата кои првите фебрилни грчеви ги имале после првата година, 1 од 4 ќе имаат барем уште еднаш. Меѓутоа, долгорочната прогноза е одлична. Фебрилните грчеви не предизвикуваат мозочно оштетување. Најголемиот дел од децата со фебрилни грчеви немаа да имаат грчеви без температура после петтата годин.Грчевите со температура не можат да бидат превенирани со ставање ладни облози на главата или телото на детето, со бањање во млака вода или со давање на лекови за намалување на температурата (парацетамол, ибупрофен).

Кога ќе се појават грчевите детето се става на безбедна подлога во бочна (странична) положба и внимателно се набљудува. Не треба да се ставаат предмети во уста или да се отвора устата. Детето нема да го голтне јазикот. Ако траат подолго од 3-5 минути се повикува итна помош. Родителите на деца кои грчеви со температура имале повеќе од еднаш се едуцирани за давање на соодветна терапија (диазепам или мидазолам).Ризик за појава на епилептични напади имаат деца со проблеми во развојот, деца кои имале комплексни фебрилни грчеви и деца чии родители, брат или сестра имале грчеви без температура. Кај децата кои имале фебрилни грчеви, а кај кои не постојат вакви ризик фактори, веројатноста покасно да се појави епилепсија е 1-2% што е исто како и кај било кое дете. Кај 1 од 40 деца со еден од овие ризик фактори покасно ќе се јави епилепсија. Кај деца со 2 или 3 ризик фактори веројатноста за појава на епилепсија е 5 до 10%.

 

За дополнителни информации консултирајте невропедијатар (детски невролог).

Прим. М-р сци. Д-р Габриела Тавчиоска